Иванов до Столтенберг: Неопходно е да го добиеме одамна заслуженото членство во НАТО

by Administrator

Претседателот Ѓорге Иванов утрово се сретна генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со кого разговарал за евроатлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантската алијанса, информираат од претседателскиот кабинет.

Иванов и Столтенберг оцениле дека односите и соработката меѓу Република Македонија и Алијансата се на високо ниво, и го истакнале придонесот што македонската армија го дава во рамки на меѓународните мировни мисии.

Иванов потенцирал дека Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО. Тој нагласил дека е неопходно Македонија да го добие одамна заслуженото членство во Алијансата, со што ќе се создадат трајни придобивки за безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион.

-Република Македонија со своите мировници континуирано ги споделува вредностите и обврските на Алијансата, оттаму, неопходно e час поскоро да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството – изјави Иванов.

Иванов им порачал на земјите-членки на НАТО долгорочно да ги согледуваат новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа и да соодветствуваат со политиките на отворени врати и колективниот интерес на Алијансата.

Извор:Мета

You may also like

Leave a Comment