Пензискиот систем во Северна Македонијае пред нов бран реформи. Владата веќе разгледува законско решение со кое на дел од граѓаните ќе им се овозможи откуп на стаж за остварување право на пензија, додека паралелно се анализираат можни измени во вториот пензиски столб, воведување мултифондови и други мерки за долгорочна стабилизација на системот.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 изјави дека во владина процедура веќе се наоѓа предлог-закон со кој граѓаните што ги исполниле старосните услови за пензионирање, но им недостигаат најмногу две години стаж до законскиот минимум од 15 години, ќе можат сами да ги уплатат придонесите за тој период и да стекнат право на пензија.
Според предложеното решение, оваа можност ќе важи за лица кои имаат најмалку 13 години работен стаж и повеќе не се активни осигуреници на пазарот на трудот.
Како ќе се пресметуваат придонесите
Министерот објасни дека граѓаните ќе треба сами да ги платат придонесите за периодот што им недостига, а основицата за пресметка нема да биде целата просечна плата, туку половина од просечната плата за претходната година.
Според пресметките што ги презентираше, доколку просечната плата изнесувала 45.000 денари, придонесот од 19,9 проценти би се пресметувал на 22.500 денари, помножени со бројот на месеците што недостигаат, а најмногу за 24 месеци.
По извршената уплата, пензијата ќе се пресметува според важечката законска формула, врз основа на платите и придонесите што осигуреникот ги остварувал во текот на работниот век.
Доколку лицето било осигурено на минимална плата, пензијата ќе биде во рамки на пониските категории. Ако било осигурено на повисоки плати, и пензијата ќе биде соодветно повисока.
Вториот столб под анализа
Покрај откупот на стаж, Владата работи и на пошироки реформи на пензискиот систем.Во тек се три независни анализи што ги изработуваат Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и владина работна група составена од претставници на Министерството за социјална политика, Министерството за финансии, ПИОМ, МАПАС и други експерти.
Меѓу прашањата што се разгледуваат е и можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање, што е една од препораките на меѓународните финансиски институции. Сепак, конечна одлука сè уште нема, бидејќи анализите треба да покажат кои решенија би обезбедиле најголема одржливост на системот и најдобра заштита на правата на идните пензионери.
-dw.de-
