Во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Западен Балкан кон крајот на месецот, македонскиот државен врв има зачестени средби и разговори за можностите и условите за деблокада на пристапниот пат кон Европската Унија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Скопје имаше средба со европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјата, Томас Вајц, придружуван од шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас. Во исто време, премиерот Христијан Мицкоски, кој е во посета на САД, заедно со лидерите на земјите од Западен Балкан во Њујорк се сретна со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
Сиљановска со Вајц за деблокада на евроинтеграцијата
Претседателката, како што соопшти нејзиниот кабинет, со Вајц разговарала за македонската евроинтеграција, можностите и условите за деблокада на пристапниот процес, како и заполитиката на проширување на Европската Унија низ призмата на геополитичките закани и употребата на ветото.
Сиљановска-Давкова ги поздравила напорите за објективен пристап во известувањето на Вајц, како и неговиот став дека билатералните прашања треба да бидат одвоени од формалниот процес на пристапување кон Европската Унија.
Во пресрет на извештајот на Европската Комисија, соговорниците размениле мислења за потребните и можните реформи на процесот на проширување врз основа на воочените проблеми.
dw.de
