Воздухот оваа зима се очлекува да биде позагаден од претходните поради енергетската криза и зголемената употреба на мазут и јаглен. Граѓаните иако се свесни за проблемот, во моментов повеќе стравуваат од високите трошоци во нивните домови, додека нови истражувања покажуваат загрижувачки резултати од изложеноста на загаден воздух.

Здравата животна средина повторно е во втор план, овој пат поради неизвесноста од енергетската криза и растечката инфлација. Градовите во Македонија скоро секоја зима се меѓу „светските рекордери“ по загаден воздух, а очекувањата за претстојнава сезона се состојбата со аерозагадувањето да биде уште полоша, со оглед на најавите за зголемена употреба на мазут и јаглен.

Во јавноста постои свест за здравствените ризици од загадениот воздух, но активисти со кои разговаравме сметаат дека очекувано е годинава граѓаните повеќе да бидат загрижени дали нивните семејства ќе имаат топол дом поради ударот од високите цени. Од друга страна тие велат дека власта ја користи енергетската криза како оправдување за еколошките проблеми.

„Граѓаните веќе се погодени од големата финансиска криза и огромните поскапувања на прехранбените производи и се останато. И кај тие граѓани што се свесни за штетноста на аерозагадувањето, се плашам дека таа свест нема да биде пред потребата за топол дом и храна за нивните семејства“, вели активистот Аријанит Џафери од граѓанското здружение „Еко-герила“ од Тетово.

Повеќе на РСЕ