Она што во последно време се случува во делот на Подгоречката планина, може да се каже дека претставува и влегува во границите на невиден вандализам, безобразлук или пак како сакате наречетего, ама сигурно нешто нормално не.. Имено, без и било каква контрола изминативе месеци голем број на Подгорчани сведоци се на неконтролирана сеча на дрва (даб, бука, костен…) во атарот на населба Подгорци, односно подгоречката планина.
Таквиот безобразлук (вандализам) трае и ден денес, односно и до овој момент додека го пишуваме овој текст и пренесуваме изјавите на наши сограѓани, при што свесно се нанесува огрома штета како на самата планина, така и на самите подгорчани.
За да биде трагедијата уште поголема, надлежните органи кои земаат плата и се одговорни за заштита и контрола на ваквите активности на ваквиот вандализам, својата активноста ја покажуваат барем засега, само кај лицата кои ставиле по една или две -три гранки во количката, или пак влечеле некоја суварка. Ваквите лица веднаш биваат малтретирани, влечени по судови, плаќање казни и што уште не. Меѓутоа за оние кои секојдневно со своите моторки брмчат низ оваа прекрасна шума, таквото брмчење никако да дојде до увата и очите на таквите органи.
“А, бе бате сё е поврзано, ништо не функционира, тие што треба да ја заштитуваат шумата од несовесните и безобразни граѓани кои секојдневно го покажуваат својот вандализам, едноставно молчат и не ги гледаат, се товари во коли, во трактори, се транспортираат навечер со камуфлирање односно покривање со ќебиња, демек да не се види дека се дрва, и демек сме прости, се разбира ние ги знаеме, ама и ние ќе сносиме вина, заради тоа што молчиме за сето она што се случува пред нашите очи“ – вака раскажува еден наш сограѓанин.
“Можам да ти посочам неколку наши жители на кои им беа одземени количките носејќи во нив неколку суварки, и истите беа носени на суд, и принудени да ги тормозат и плаќаат казни. А овие кои секојдневно вршат неконтролирана сеча, очигледно е дека имаат покритие, па не им се плашат на оние од власта. А знаете зошто? Заради тоа што заедно работаат сите, односно се поврзани. Ете каде живееме, ама што е тука е“. -вака размислува друг наш подгорчанец.
За да биде трагедијата уште поголема, денес преку мејл во нашата редакција ни беа испратени фотографии на сеча на борова шума. Според информациите кои ни беа доставени ваквата сеча која веќе започнала, карактеристична била на неколку места, т.е оние места кои некогаш како ученици сме ги засадувале со познатите борчиња. Сечата се врши на места кои се наоѓаат веднаш на самиот пат, и не постои можност да не се знае кој посегнал и по овој вид на дрво и кој го врши овој злостор над природата.
Како и да е ова нека биде еден апел до надлежните органи кои за тоа земаат плата ( а очигледно нема да биде така) да си ја земаат работата како што треба, и еднаш стават крај на ваквото дивеење, односно да се стават над партиските и личн ите интереси, односно барем алал да си ги заработаат парите (плата) за што ги плаќаме. А не за некои да бидат мајка, а за некои маќеа.
А, до кога ќе биде вака, еден наш подгорчанец вели : “ Тоа ќе биде се додека на проработи свеста кај оние кои се задолжени за контрола на сечата на дрва, и заштита на планината, како и кај оние за жал наши соселани кои учествуваат во таа сеча (злостор). Ама тешко дека ќе проработи будејќи сите тие одамна веќе ја загубиле во оваа наша шума, па заради тоа уште и понатаму ќе ни се случуваат вакви работи, работи кои кај едни ќе го полнат џебот, а кај други…..????










