Имено, станува збор за состојбите во училиштето во Подгорци. Според информациите што ги добивме од наставници вработени во училиштето, пред самиот почеток на новата учебна година биле известени од страна на директорот дека ќе биде затворена една паралелка на македонски наставен јазик во второ одделение.
Ваквата одлука, според наставниците, отвора и прашања поврзани со понатамошниот број на вработени во училиштето. Особено загрижувачки е фактот што со укинувањето на паралелката би можело да дојде до прераспоредување на наставник кој потекнува од Подгорци, на работно место кое не соодветствува на неговата досегашна работа и професионален ангажман.
Дополнително, според информациите кои ни беа испратени, доколку на неговото место биде ангажиран друг соодветен наставник, бидејќи сегашниот наставник на кого му е укината паралелката а потекнува од Подгорци се отвора прашањето за неговиот понатамошен работен ангажман во училиштето.
За жителите на Подгорци, ова прашање има посебна тежина. Не станува збор само за бројот на паралелки, туку и за прашањето дали со ваквите одлуки се доведува во прашање и присуството на кадар кој потекнува од самото село и кој со години е поврзан со локалната заедница.
Секако, за целосна и објективна слика, очекуваме став и образложение од раководството на училиштето, како и од надлежните институции, особено во делот на причините поради кои се планира укинување на паралелката и какви би биле последиците врз наставниот кадар.
Ова прашање го отвораме со единствена цел – јавноста да биде информирана за состојбите во училиштето во Подгорци и да се слушнат сите релевантни страни.
Поголем број од наставниците со кои разговаравме потенцираат дека зад ваквите одлуки гледаат и политички влијанија и лични интереси. Тие сметаат дека подгоречката јавност треба да биде навремено и целосно запознаена со случувањата во оваа образовна установа, особено кога станува збор за одлуки кои можат директно да влијаат врз иднината на училиштето и врз работните места на вработените.
Според нивните предупредувања, доколку продолжи ваквата тенденција, веќе следната година би можело да дојде до дополнително намалување на бројот на работни места. На тој начин, како што велат наставниците, особено би биле погодени вработените кои потекнуваат од Подгорци, а кои со години се дел од оваа образовна институција и од локалната заедница.
Токму затоа сметаме дека ова прашање не треба да остане само внатрешно прашање на училиштето. Подгоречката јавност има право да знае што се случува со училиштето, какви одлуки се носат и какви последици би можеле да произлезат од нив.
Во оваа пригода сакаме да потсетиме и на видеата кои ги објавува „Дубаи Портал“, а кои го прикажуваат патот до изградбата и отворањето на новото училиште во Подгорци. Во тие прилози се сведочи за долгогодишната борба, заложбите и ангажманот на жителите на Подгорци за да се обезбедат подобри услови за образование на најмладите.
Токму затоа, со оглед на искуствата од минатото и начинот на кој претходните месни самоуправи и жителите на Подгорци се бореле за своето училиште, сметаме дека и денес не смееме да останеме неми набљудувачи доколку постојат прашања кои можат да влијаат врз неговото функционирање и врз луѓето кои работат во него.
Не смееме да дозволиме политичките или личните интереси, доколку навистина постојат, да се спроведуваат на теренот и на сметка на граѓаните на Подгорци.
Затоа очекуваме во наредниот период со свој јавно изнесен став да излезат ;Месната Самоуправа која ја представува населбата, како што тоа го правеле и претходните Mесни, Советот, како и Училишниот одбор а се разбира и директорот на ова образовна Установа. Јавноста заслужува да знае каков е нивниот став за најавеното укинување на паралелката, за можните последици врз наставниот кадар и, пред сè, до каде ќе оди оваа тенденција доколку продолжи и во наредните години.
Ова не треба да биде прашање на политика. Ова треба да биде прашање на училиштето, на децата, на наставниците и на иднината на Подгорци-стои во краткото известување од група наставници од ова училиште испратено до нашава редакција.
