Одлуката на дел од подгоречката дијаспора да започне акција за собирање средства за набавка на нов камион за собирање комунален отпад отвори повеќе прашања отколку што понуди одговори.
Според информациите што беа соопштени, постојниот камион, кој своевремено беше набавен од претходниот состав на Месната самоуправа, денес не е во функција и не може да се користи. Но, наместо најнапред да се утврди како дошло до таквата состојба и кој е одговорен за тоа што едно вредно средство повеќе не служи на својата намена, јавноста повторно се повикува да ја отвори својата каса.
Логично се поставува прашањето: дали набавката на камион за комунални потреби е обврска на граѓаните или на институциите?
Месната самоуправа управува со комуналните услуги, а граѓаните за тие услуги плаќаат надоместоци. Токму затоа, сосема оправдано е да се очекува ваквите капитални потреби да се решаваат преку општинскиот буџет, надлежните институции или преку државни програми, а не повторно преку доброволни донации од населението.
Дополнително, останува нејасно и зошто на состанокот на кој се донела ваквата одлука, според нашите информации, “не бил поканет ниту еден претставник од старата или сегашната Месна самоуправа“. Токму тие лица најдобро можеле да дадат одговор на прашањата што се случило со постојниот камион, дали постои можност за негова поправка, колку би чинела таа, како и дали се разгледани други институционални решенија.
Без нивно присуство и без јавна расправа, останува впечаток дека е донесена одлука без да бидат слушнати сите релевантни страни.
Дијаспората отсекогаш била значаен поддржувач на развојот на Подгорци и нејзината желба да помогне не треба да биде доведена во прашање. Но, истовремено, не треба да се дозволи доброволната помош да стане замена за институционалните обврски.
На крајот, најважното прашање останува: ако граѓаните веќе плаќаат за комунални услуги, дали е оправдано повторно да бидат повикани да финансираат основна комунална механизација, наместо надлежните институции да ја преземат својата законска одговорност?
Ова прашање заслужува јасен и транспарентен одговор, бидејќи станува збор за јавен интерес, јавни средства и одговорност кон сите жители на Подгорци.
Презентираната содржина не представува став на редакцијата на Дубаи Портал.










