Пожарите беснеат и опустошуваат површини колку цели градови во Северна Македонија. Прогласена е 30 дена кризна состојба. Но има криза и во делот на опремата за справување со пожарите, гаснат и возила стари 45 години. Нема и луѓе, па општините си помагаат, а почна да пристига помош и од други држави
Вчера беше драматично, утрово е подобра ситуацијата, но знаете, во тек на денот станува топло и пожарот пак почнува да се шири, вели Горан Стојанов, градоначалник на Неготино, опишувајќи ја за РСЕ ситуацијата во општината во која веќе шести ден беснеат пожари.
Според неговата проценка, досега изгореле од 300 до 500 хектари шума. Или, површина што е најмалку два пати поголема од Неготино.
Огнот се шири во општина која кубури со луѓе и опрема за противпожарна заштита, па на помош дојдоа војската, пожарникари од други градови, а се очекуваат и од други држави. Како што кажува Стојанов, општинската противпожарна служба треба да има 19, а има 14 пожарникари.
„Луѓето се изнемоштени, на крај на сили, од 12 до 15 часа работат. Помошта многу ќе ни значи“, вели Стојанов.
„Возниот парк“ за противпожарна заштита им е во очајна состојба- имаат три цистерни, еден џип што собира 300 литри вода – што стари, што од донација. Пред две години набавиле едно единствено ново возило. ФАП-от со кој уште работат е од 1978 година, стар е 45 години.
„Ни недостигаат и опрема и возила за во ваква ситуација. Доаѓаат доброволци, треба да им дадеме специјална опрема за гаснење, а и таа ни е од комунизмот“, вели Стојанов.
Им помага и соседната општина Кавадарци. Градоначалникот Митко Јанчев за РСЕ вели дека тие се подобро опремени за противпожарна заштита – затоа, општина Кавадарци испратила на помош во Неготино 20 пожарникари, 5 противпожарни возила, 3 цистерни и тешка механизација за расчистување на теренот, обезбедена од пет приватни фирми.
Повеќе на РСЕ
