Животот и натаму поскапува, покажува синдикалната кошничка која пораснала и во јануари. Ако двајца вработени во четиричлено семејство примаат просечни плати од 38.359 денари, треба да потрошат 74 проценти од парите да го покријат минимумот трошоци. Од Министерството за економија велат дека нема покачување на цените на замрзнатите производи.

Синдикалната потрошувачка кошничка скокна за 641 денар во јануари. Граѓаните континуирано се погодени од растот на инфлацијата и на основните животни потреби и покрај што на сила се владини мерки за замрзнување на цените на одредени производи.

Според Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), едно четиричлено семејство во јануари имало потреба од 57.163 денари за да го покрие минимумот на трошоци, што е за 641 денар повеќе од претходниот месец. Само храната и пијалаците овој месец се поскапени за 277 денари во однос на декември.

Тоа значи дека двајца вработени со просечна нето плата од 38.359 денари треба да издвојат скоро три четвртини од своите примања за да го задоволат основниот стандард на живеење, односно 74,5 отсто.

Ситуацијата е уште посериозна за околу 80 илјади работници кои примаат минимална плата од 20.175 денари, според податоците на властите. Еден вработен со просечна плата и другиот со минимална плата едвај можат да го поминат месецот.

„Достоинствена плата е една плата да изнесува колку една синдикална кошница“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Повеќе на РСЕ