Фирмата „Симболико“која е задолжена да закаже термин за нови лични документи со името Северна Македонија, е дел од предистрага на Обвинителството за организиран криминал за јавна набавка поврзана со фингерпинт апаратите. Од МВР велат не знаеле за кривичната пријава што ја поднела Антикорупциска.

„Ве молиме почекајте, сите оператори се зафатени.“

За да не го слушнат ова граѓаните што телефонски се обидуваат да закажат за вадење на лични документи, Министерството за внатрешни работи (МВР) неодамна склучи нов договор со фирма за телефонско и онлајн закажување на термини. Ова е седми и воедно најскап тендер, кој фирмата „Симболико“ го добива за менаџирање со повикувачкиот (кол) центар на МВР. Во пет од вкупно седум добиени тендери во последните 10 години, „Симболико“ е единствен понудувач.

Новиот рамковен договор е „тежок“ речиси два милиони евра. Претходно вредноста на секој од шестте склучени рамковни договори не надминувала 600 илјади евра.

Седиштето на фирмата е во скопски Аеродром, додека подружницата во скопски Карпош. Радио Слободна Европа ги посети и двете локации, но ниту реклама, ниту табла со името на фирмата не сугерира дека таму е сместена „Симболико“ која доби милионски тендер со МВР. Кратко разговаравме и со сопственичката на фирмата Елена Салинтјани, која ни ја отвори вратата во станот во Аеродром каде што е сместена фирмата. Ни вети дека на нашите прашања ќе одговори писмено, но до објавувањето на текстот, одговори не добивме.

Повеќе на РСЕ