На рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид му се гледа крајот, но не и на изградбата на патот, кој се гради 10 години. Неполни два месеца има до одлуката дали проектот ќе му се одземе на кинескиот изведувач Синохидро. И да се продолжи договорот и да се раскине, државата ќе треба да плаќа.
И да се прекине договорот за изградба на „вечниот“ автопат Кичево -Охрид и да се продолжи, тоа ќе ја чини државата. Ако се прекине договорот, фирмата што го гради автопатот, кинеската Синохидро, ќе ја бара правдата пред меѓународните арбитражни судови. Спорот може да трае со години, а изградбата на автопатот да не излезе од ќор сокак и на крај за сето тоа да плати државата. Пари ќе требаат и да се доизгради автопатот, кој досега, според кажувањата на премиерот Димитар Ковачевски, е готов над 75 отсто.
Евентуалното раскинување со Синохидро ќе се одрази и на домашниот градежен сектор. Автопатот со кој требаше да се поврзат Кичево и најголемиот туристички центар Охрид, во западниот дел на земјата, пред десет години беше најавен како најголема инфраструктурна инвестиција во изминатиот половина век, која ќе придонесе за побрз економски и туристички развој.
Собранието во октомври 2013 донесе посебен закон за овој проект и за изградба на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип. Неколку месеци подоцна, во февруари 2014, тогашниот премиер Никола Груевски, кој ја предводеше владата на ВМРО-ДПМНЕ, фрли „прва лопата“ за старт на изградбата на автопат од Кичево до Охрид во должина од 57 километри. Изградбата требаше да чини 375 милиони евра. „Ваква инвестиција не е вложена од никого, никогаш и во ниту еден автопат во земјата“, рече Груевски. За таканаречните „кинески автопати“ беа позајмени пари од кинеската Ексим банка, со два отсто камата. Услов беше да ги гради кинеска компанија, во случајот – Синохидро. „Дупки“ на недоградениот автопат Десет години подоцна, автопатот не е пуштен во употреба, иако според првичниот договор по него веќе требаше да се вози уште пред пет години. Автопатот уште непуштен во употреба, а се појавија „дупки“ во планот, во изведбата, се појавија грешни траси, свлечишта, а цената речиси се дуплираше. Виновници се посочуваат, но се уште никој не одговарал за тоа што автопатот и по толку години не е завршен. Повеќе на РСЕ








