Австриската АММА го доби меѓународниот спор во Виена тежок 4 милиони евра против домашната ДЕНА ПРОДУКТ за прекршување на договор за прозводство на корнишони. Но, правниот епилог за АММА пред македонските судови е на танталови маки, замрсен со постапки со кои се оневозможува наплата на долгот.
- ДЕНА ПРОДУКТ е во сопственост на Атанас Костов, зетот на екс премиерот Зоран Заев. Според пресудата, тој го прекршил договорот, продавајќи ги корнишоните на Глобал Трејд ДММ, односно на својата сопруга, Емилија Костова – Заева, братучетка на Заев.
- Во пресудата, еден од клучните сведоци во постапката е Зоран Костов, кој сведочи против неговиот брат, Атанас Костов. Зоран Костов пред арбитарот во Виена доставил испратници кои покажуваат продажба на корнишони на фирмата Глобал Трејд ДММ.
- Австриската пресуда се уште не е потврдена пред македонските судови. По нејзиното донесување, сопружниците Костов – Заева со повеќе дејства се обидуваат да го отуѓат имотот на ДЕНА ПРОДУКТ во низа нотарско – извршителски постапки. Сопружниците не одговорија на прашањата на РСЕ за пресудата и постапките кои се водат против нив.
- Поранешниот австриски амбасадор во земјава, Георг Вуцас, упати директни критики кон македонските судови поради неможноста на австриската компанија да ја наплати отштетата, барајќи смена на судии и јавни обвинители.
Од производство на корнишони до меѓународен спор во милиони евра
Меѓународна пресуда за која треба да плати речиси 4 милиони евра отштета и кривична пријава се на товар на компанијата ДЕНА ПРОДУКТ за измама во производство на корнишони наменето за австриската компанија АММА. Пред домашните судови, пак, ДЕНА ПРОДУКТ и фамилијарно поврзаната компанија ГЛОБАЛ Трејд ДММ се товарат и за изигрување на законите за да избегнат наплата на побарувањето.
Со договорот за соработка за ексклузивен извоз на корнишони, ДЕНА ПРОДУКТ се обврзува да ја продава робата исклучиво на австриска АММА.
Деловниот однос се одвива на начин што Австријците и овозможуваат на македонската компанија финансиска поддршка преку авансно плаќање за сигурно производство, споделувајќи и го целокупното знаење за одгледување и производство на корнишони.
Извор: РСЕ










