Терапијата што сега се дава на Клиниката за онкологија е соодветна, велат министерот за здравство и директорката на Клиниката за онкологија, по наводите за нелегална препродажба на лекови и несоодветна грижа на пациенти на Клиниката за онкологија. Но за тоа што се случувало пред „нивно време“ не може да одговараат. Обвинителството и полицијата интензивно собираат докази и се повикуваат луѓе на распит. Политичарите се фрапирани и згрозени, и најавуваат дека секој што се огрешил ќе одговара. Граѓани споделуваат лични приказни и повикаа на протест.
Филиз Ндоци повеќе од две децении им помага на граѓаните како здравствен работник на скопските клиники. На оваа скопјанка, минатиот декември и бил дијагностициран рак. Гласините што кружеле низ болничките ходници дека на Клиниката за онкологија има злоупотреба на лекови, ја предомислиле да се лекува таму.
„Болеста не можеше да чека да ги потврдам гласините од моите колеги, па решив да се лекувам во странство. Јас работам во здравствениот систем 21 година, придонесувам, и по 21 година на крајот немате доверба да се лекувате во вашата земја. Ова чувство беше застрашувачко за мене“, вели Ндоци за Радио Слободна Европа.
Кога „аферата“ излезе на виделина, ѝ олеснало, вели таа.
„Немав доволно пари и позајмував од роднините и од пријателите за да се лекувам во Турција. Имав грижа на совест дека се „луксузирам“ и трошам туѓи пари за лекување во странство. Но кога се дозна ова за онкологија, некако ми стана полесно, дека не сум направила грешка што одлучив да се лекувам настрана“, вели таа.
Обвинителство – Случајот ќе се истражи до крај, евентуалните стрители ќе бидат гонети
Основното јавно обвинителство на 2 септември отвори предистражната постапка по објавите на медиуми дека имунолошката терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациентите болни од рак, постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија.
Обвинителството на 4 септември соопшти дека работата ќе ја истражат до крај, а евентуалните сторители ќе завршат пред Суд. Обвинителството наредило да се анализираат одземените компјутери и податоците во нив, а се вршат и распити на сите луѓе кои имаат сознанија за евентуални злоупотреби.
Стручен тим што ќе го формира Обвинителство ќе ја анализира медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата.
Од Јавното обвинителство повикуваат сите што имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи.
Обвинителството соопшти дека од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка.
Спасовски – Се изгубила човечката димензија
Министерството за внатрешни работи презема и други дејствија, но тие во моментот не може да се споделат со јавноста. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека секој што бил вмешан во случајот, без разлика на позицијата, ќе одговара. Тој во интервју за ТВ 21 рече дека во случките на Клиниката за онкологија, „се изгубила човечката димензија“.
Повеќе на РСЕ
