Од Институтот за европска политика велат дека потпишувањето на анексот на Договорот со ЕУ со којшто Коридорот 8 влегува во мапата на главните европски коридори, не ја оправдува постапката на Владата за користењето европско знаменце за петте закони поврзани со изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“. Од ЕПИ предупредуваат дека оваа постапка остава простор за реакција од ЕК во натамошниот процес на отворање на поглавјата.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска во Црна Гора потпишал Спогодбата помеѓу Северна Македонија и Европската Унија, со која, како што изјави, Коридорот 8 и официјално влегува на мапата на главните европски коридори.
„Оттука наша е обврската да продолжиме со изградбата на патниот и железничкиот Коридор 8, да го доведеме до ниво на модерна, квалитетна и безбедна патна врска, со што и на дело ќе покажеме дека овие политики не се политики само за на хартија, туку политики кои ги реализираме на терен. За Република Северна Македонија ова е стратешки важна одлука на Европската Унија со што веќе сме позиционирани централно како крстосница во регионот на два главни европски коридори, на Коридорите 8 и 10“, изјави денеска министерот Бочварски во Црна Гора.
За Владата токму тоа е еден од аргументите за користењето европско знаменце на предлог-измените на пет закони поврзани со изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“.
Но, за Симонида Кацарска од Институтот за европска политика овој аргумент е тешко прифатлив и не ја оправдува постапката на Владата.
„Никој не го спори значењето на коридорите, но постапката во парламентот со овие специфични закони и ставањето на овој коридор во мапата на европски коридори тешко дека ќе го реши процедуралниот момент кој е ставен во прашање. И да не заборавиме ЕУ е заедница базирана на право и со ваквото користење на знаменцето ние не испраќаме добри сигнали за поимањето на истата и нашето членство како идна земја членка, бидејќи повторно не го врзуваме носењето на овие закони со правна норма, коешто би го оправдала носењето на законите со европско знаме“, вели Кацарска.
Повеќе на РСЕ









