Свидетелствата за завршена учебна година можно е и годинава да не стигнат навреме во јуни. Тендерот за свидетелствата засега е во жалбена процедура, а Комисија за жалби по јавни набавки на 17 мај ќе одлучува, дали ќе се повтори тендерот или која фирма е најдобриот понудувач.

На само еден месец пред завршување на учебната година, неизвесно е кога учениците ќе ги добијат свидетелствата. Одлуката за избор на фирма што ќе ги печати треба да ја донесе Комисијата за жалби по јавни набавки, затоа што тендерот што го спроведе Бирото за развој на образование е во жалбена постапка. Се очекува седницата на комисијата да се одржи на 17 мај, велат од Бирото во одговор на прашањата на Радио Слободна Европа.

На огласот што го распиша Бирото за развој на образование во март, се јавиле четири фирми, а изборот паднал на фирмата Арбериа Десинг, која досега беше задолжена за печатење на свидетелства и на дел од учебниците, но и за организација на прославите за 20 и 21 годишнината од Рамковниот договор, како и за неодамнешното поставувањето на камен темелникот на Коридорот 8.

Годинава во трка за тендерот за свидетелства покрај Арбериа Десинг, се пријавиле и печатниците Киро Дандаро од Битола, Европа 92 од Кочани и Бранко Гапо од Скопје.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, во април Киро Дандаро и Европа 92 се пожалиле дека се дискриминирани и дека избраната фирма Арбериа Десинг не ги исполнува условите, затоа што понудила материјали со лексички грешки. По овие жалби Државната комисија за јавни набавки утврдила дека при избор на фирмата Арбериа Десинг, за најповолна понуда, Бирото за развој на образованието го прекршил Законот и ја поништи одлуката таа фирма да го добие тендерот.

Повеќе на РСЕ