Традиционално набавуваме околу 30% струја за сите потрошувачи. Денес енергетската зависност е намалена, увезуваме само околу 11%, а и домашното производство е зголемено“, вели Марко Бислимоски
Елдорадото на фотоволтаици во Северна Македонија ги минимизираше сметките за струја на компаниите, а го „стопи“ и увозот на струја. „Традиционално набавуваме околу 30% струја за сите потрошувачи : индустријата, малото стопанство. Денес енергетската зависност е намалена, увезуваме само околу 11%, а и домашното производство е зголемено во последните месеци“, велат од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за ДВ.
За петнаесет месеци, ова регулаторно тело има издадено лиценци за 400 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори. Станува збор за вкупна инсталирана моќност од 191,6 MW , со која може да се задоволат потребите на домаќинствата со просечна потрошувачка од десет градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св Николе, Ресен, Дојран, Дебар и Виница.
„Ние сме генерално народ кој додека нѐ не стигне криза, ништо не менуваме и навистина умееме кризите да ги претвораме во можност. Енергетската криза не извади сите од комфор зоната, па високите цени ги натераа менаџерите парите да ги инвестираат во фотоволтаици. Затоа што без енергетика нема економија. А, без добра цена на струја, има само лоша конкурентност“, вели за ДВ првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.
Повеќе на:DW










