Со свечена академија која се одржа во Македонската филхармонија во Скопје, Исламската верска заедница на Република Северна Македонија (ИВЗ) го одбележа доаѓањето на новата 1444 (Хиџретска) календарска година во исламот, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свечената академија присуствуваа поглаварот на ИВЗ, Шаќир еф. Фетаху, претставници на Владата на Република Северна Македонија, муфтии од различни региони како и професори.
Присутните имаа можност да слушаат читање на делови од Куранот и илахии (духовна музика).
Упатувајќи честитки за новата Хиџретска година, поглаварот на ИВЗ, Фетаху, истакна дека овој настан е од големо значење за исламската историја.
„Хиџрата е акција и движење за одгледување и формирање простор за практикување на вистината, тоа е формирање на услови и подготовка на организиран начин да се искорени злото. Тоа го докажува фактот што Мухамед алејхи селам, веднаш по хиџрата презеде историски чекори за воспоставување на темелите на силна организација, како што се итна изградба на верски културни и научни институции, збратимување на племињата кои војувале со едни со други племиња во Медина, имено издигнувањето на единството на највисок степен и формирање на исламска држава каде сите граѓани се еднакви без разлика на раса, нација, вера“, изјави Фетаху.
Потоа тој ја додели наградата „Муфти Вехби Дибра“ на неколку хафизи, која ИВЗ ја доделува за специјални придонеси во различни области.
Покрај тоа, се доделија дипломи на двајца хафизи (лица кои ја научиле на памет светата книга Куранот).
Хиџрата, или преселбата на Божјиот пратеник Мухамед од Мека во Медина во 622 година претставува величествен настан во муслиманската историја кој им овозможи на муслиманите да станат организирана и одговорна духовна заедница, која вредностите на исламот ги преточи во општествениот живот.









