Sunday, April 19, 2026
Home Македонија Лидерите на „Отворен Балкан“ на средба во Охрид

Лидерите на „Отворен Балкан“ на средба во Охрид

0
131

Културата и туризмот ќе бидат во фокусот на иницијативата „Отворен Балкан“ што денеска и утре ќе се одржува во Охрид.

За денеска е предвидена работна вечера на премиерите на Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.

Според агендата, за утре се предвидени официјални обраќања на Самитот, а видео обраќања треба да имаат и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји и заменик помошникот државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

На пленарната сесија „Отворен Балкан – отворен туризам“ се предвидени обраќања на вицепремиерот задолжен за еконоски прашања, координација на економските ресурси и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, министерката за туризам и животна средина на Албанија Мирела Кумбаро Фурџи и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија Татјана Матиќ. Свои ставови ќе споделат претставниците на стопанските комори, а можност за дебата ќе имаат и директори на институции, тур-оператори, хотелиери, итн.

На пленарната сесија посветена на Отворена култура на Отворен Балкан ќе се обрати вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министерките за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и Елва Маргарити и вицепремиерката и министер за култура и информации на Маја Гојковиќ.

Можност за дискусија ќе имаат претставници на културни институции, директори, културни работници, продуценти, итн.

На крајот од Самитот е предвидено да бидат потпишани договор за соработка на Западен Балкан за меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции и меморандуми за разбирање за соработка во областа на туризмот, културата и даночната администрација.

Иницијативата „Отворен Балкан“ предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу земјите-членки.


Nova Tv