Наставникот по англиски јазик од основното училиште „Панајот Гиновски“, кој беше снимен како тепа ученик од седмо одделение, денеска не дошол на работа и ќе биде заменет од друг наставник, информира директорката на училиштето, Ќамуране Реџа за ТВ21, додавајќи дека тој не е отпуштен од работа, но оти нема да држи настава додека се чека одлуката на дисциплинската комисија во училиштето.
Таа вели дека досега немало жалби против наставникот, кој предава во ова училиште 13 години.
„Јас како директорка не можам сама да донесам одлука за да го отпуштам од работа. Формирав дисциплинска комисија со наставници од училиштето, синдикатот и советот на родители. Тие ќе дадат свое мислење и потоа ќе се одлучи за отпуштање од работа од училиштето“, вели Реџа.
Видеото од инцидентот, кое предизвика многу реакции во јавноста, беше објавено на социјалната мрежа ТикТок и на него се гледа како наставникот малтретира и тепа 13-годишен ученик на час, во присуство на другите ученици.
Социологот Али Пајазити за ТВ21 вели дека физичкото казнување во училиштата е неприфатливо.
„Ваквата појава што се случувала во училиштата говори за ниско педагошко ниво на наставниците. Ова илустрира едукативна криза која владее во нашето образование. Ова има свои последици како што се психолошките и социјалните. Кај децата предизвикува заладување кон наставниот процес. Насилството нормално предизвикува дистанцирање од училиштето, од целиот персонал кој држи настава во таа институција. Шамарите, тупаниците, стапот и сите други физички мерки за дисциплинирање на децата не се легитимни и не се решение во една училишна средина“, посочи Пајазити.
Од МВР велат дека се извршени разговори со лицата поврзани со случајот и дека се чека ЈО да достави соодветна претставка до надлежното обвинителство.
„Во врска со случајот во училиштето Панајот Гиновски ве известуваме дека по добивање на пријавата преземени се неопходните мерки и активности за расчистување на случајот, разговарано е со лицата поврзани со случајот и по упатство на јавен обвинител ќе се достави соодветна претставка до надлежното обвинителство“, велат од МВР.
„Sloboden pecat“









