Иако сите поголеми партии во првиот круг од локалните избори прогласија победа, сепак се’ уште ништо не е завршено. По одбивањето на сите приговори од страна на Државната изборна комисија (ДИК), дел од партиите најавуваат тужби до Управниот суд. На една недела пред вториот изборен круг, партиите ги засилуваат активностите на терен со надеж дека ќе успеат да освојат градоначалничка фотелја повеќе. По објавувањето на прелиминарните резултати бројките покажуваат дека од 80 општини и Градот Скопје втор круг од изборите ќе има во 44 општини и Градот Скопје. Во две општини, Центар Жупа и Маврово-Ростуше ќе се прегласува првиот изборен круг затоа што на 17 октомври на гласање не излегоа доволен број гласачи.

„Ќе поднесеме тужба за едно избирачко место во Дебар затоа што сметаме дека таму гласањето не беше законски спроведено. Иако претседателот на избирачкиот одбор бил разрешен сепак тој продолжил да ја извршува функцијата. Дополнително записникот од оспореното избирачко место е невалиден бидејќи не бил потпишан од мнозинството членови на одборот.“ – велат од Алијанса за Албацните/Алтернатива.

Од Твоја партија за ТВ 24 велат дека допрва ќе одлучуваат дали ќе се жалат пред Управниот суд затоа што се’ уште тече рокот од 48 часа, време кога можат да го искористат ова законско право. Од Левица за сега нема информација дали и тие ќе поднесат тужба. На вчерашната седница, претставникот на партијата соочен со аргументите на изборната комисија се согласи дека Левица не поднела материјални докази во прилог на приговорите.

Каде ќе има втор круг?

Лозово, Бутел, Росоман, Битола, Боговиње, Арачиново, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Гевгелија, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Демир Хисар, Гостивар, Долнени, Желино, Зелениково, Карпош, Центар, Чаир, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Маврово, Ростуша, Македонска Каменица, Македонски Брод, Охрид, Ново Село, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Студеничани, Старо Нагоричане, Струга, Теарце, Чашка, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево, Град Скопје.

Иако партиите велат дека секоја општина им е важна сепак најголема битка се очекува да има во Тетово, Куманово, Гостивар, Охрид, Струга, Карпош, Центар, Шуто Оризари и Град Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Партиите засега се’ уште срамежливо навестуваат кој на кого ќе му ја даде поддршката. Единствено со точност се знае дека коалицијата Алијанса за Албанците/ Алтернатива е подготвена да ги поддржи сите кандидати за градоначалници кои не се од редовите на ДУИ.

Од Движењето БЕСА пак, сметаат дека никој не може да се пазари со гласовите на граѓаните и очекуваат масовна граѓанска поддршка. Од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржат своите кандидати и оние на коалициските партнери а за останатите ќе одлучуваат викендов во Охрид на Централен извршен комитет.

Во првиот круг од локалните избори, избрани се 34 градоначалници. ВМРО-ДПМНЕ победи во 22 општини, СДСМ во девет, а ДУИ во три. Локалните избори коишто се одржаа на 17 октомври беа седми по ред од независноста на Македонија.

Tv 24