СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека дезинформациите поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат демократските вредности можат да ја дестабилизираат и самата држава, јавува Агенција Анадолија (АА).

Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Северна Македонија и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) денеска во Музејот на современа уметност организираа регионална „Конференција за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан: Справување со дезинформациите“.

На Конференцијата обраќања имаа претседателот на државата, Стево Пендаровски, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, (видеообраќање) и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.

Пендаровски, во своето обраќање истакна дека намерата на дезинформациите е системски да се манипулира јавноста со пласирање погрешни информации, и дека крајна цел на дезинформациите е да послужат на интересите на одредени политички или бизнис-центри на моќ.

„Кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат демократските вредности дезинформациите можат да ја дестабилизираат и самата држава“, нагласи Пендаровски.

Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, во видеопораката истакна дека дезинформациите се закана за целиот свет и за време на пандемијата на Ковид-19 тоа станало уште појасно дека се насочени кон граѓаните и кон општеството.

„Граѓаните од земјите од Западен Балкан сега се многу повеќе свесни и се многу повеќе отпорни на дезинформациите“, нагласи Жозеп Борел истакнувајќи дека справувањето со дезинформациите бара пристап на ниво на целата држава и пристап што ќе го вклучува целото општество.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, посочи дека дезинформациите се огромен глобален предизвик откако се случи бум во онлајн комуникацијата.

Ова е втора конференција што се организира во овој формат со поддршка од ЕУ. Таа е конципирана врз основа на резултатите од Конференцијата за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан, што беше организирана во 2020 година во Сараево и Бања Лука, и на многубројните иницијативи на оваа тема поддржани од Европската Унија.

Anadolu Agency