Состојбата во земјата со Ковид-19 е исклучително сериозна, оцени по состанокот на Советот за безбедност претседателот Стево Пендаровски. Тој рече дека по исцрпната дискусија предлагаат прогласување на кризна состојба на ниво на цела држава. Одлуката треба да ја донесе Владата.
Поради ситуацијата со епидемијата со коронавирусот Советот за безбедност и предложи на Владата да се воведе кризна состојба, соопшти претседателот Стево Пендаровски по средбата на ова тело. Тоа подразбира дека Управувачкиот комитет треба да и предложи на Владата да донесе одлука за 30 дневна кризна состојба, законско решение коe ќе им овозможи на властите поголемо вклучување на армијата, соработка со полицијата, вклученост на општините, но и преземање на управувањето со приватните здравствени капацитети.
„Не станува збор за национализација на приватните болници, туку за евентуално управување со нив во битката со пандемијата се разбира таму и во тој обем во кој Владата ќе процени дека тоа е неопходно. Инаку, приватната сопственост е гарантирана со Уставот и затоа тука не станува збор за национализација или некакво менување на сопственоста“, рече претседателот Пендаровски.
Совет за безбедност-кризна состојба, полициски час, или ништо
Законот за управување со кризи предвидува во случај на кризна состојба да можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. Поконкретно, по барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот за управување со кризи или доброволно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.
„Дневниот надоместок за користење на ресурсите изнесува до 30 отсто од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена од Државниот завод за статистика во месецот пред давањето на ресурсите, а надоместокот за нивно оштетување или уништување не може да биде помал од пазарната вредност на средството, што истото ја имало во времето кога е оштетено или уништено, определена врз основа на елементите со помош на кои според обичаите во зависност од времето и местото на пазарот се утврдува пазарната цена“, се наведува во Законот.
Повеќе на РСЕ










