Реисот на Исламската верска заедница во Македонија Шаќир еф. Фетаху од вчера е член на Светскиот совет на исламските заедници со седиште во Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати.

Во информацијата на ИВЗ дека од Советот им е потврден изборот се наведува дека Фетаху е избран за полноправен член на Светскиот совет врз основа на неговата работа и придонес во ширење и развој на исламот и исламската култура воопшто и во поддршката на муслиманските верници. Светскиот совет на муслиманските заедници ја нагласува и неговата ангажираност како прв човек на Гостиварската муфтинија во изминативе 18 години во организација на верскиот живот, враќање на имотите на вакафот и создавање нови услови и установи за подобро организирање на верскиот живот.

Фетаху, верската дејност ја започнува на четиринаесет годишна возраст, потоа бил имам, муалим, учител во медресето „Иса Бег“, член на Основачкиот совет на Факултетот за исламски науки Скопје, раководител на тела на ИВЗ и Ријасетот. Тој е иницијатор и за за формирање на верското училиште за девојчиња во Гостивар, а важи за инзвонреден толкувач и читач на Кура`нот. Бил учесник на повеќе национални и меѓународни конференции и симпозиуми. Како автор и публицист има објавено шест книги и над 300 статии објавени во земјата и странство. Фетаху е добитник на повеќе признанија и одликувања од државни и меѓународни институции.

TV21