Здравјето на граѓаните пред се и безбедна кампања за предвремените парламентарни избори на 15 јули. Ова беа апели од претставници на сите политички партии и носители на јавни функции во изминатите три месеци од почетокот на епидемијата на коронавирус во земјава. Носење на заштитна маска на лице, одржување на физичка дистанца и миење раце, но ако во изминатиот период бевме сведоци на опуштање меѓу граѓаните, сега сме сведоци дека дел од ковид мерките се прекршуваат и од поединци кои повикуваа да се почитуваат.

Таков е случајот со собранискиот претседател во заминување, Талат Џафери, кој во изборната кампања влезе како носител на листата на кандидати за пратеници на ДУИ во изборната единица 5. Џафери од посетата на Кичево објави три фотографии на својот Фејсбук налог на кои се забележува дека заштитна маска носи на отворено, каде, според препораките не треба, а не носи во затворена просторија каде според препораките треба.

Фото: facebook.com

На фотографиите се забележува дека заштитна маска не носи ниту министерот за економија, Крешник Бектеши кој бил во придружба на Џафери, како и кичевскиот градоначалник, Фатмир Дехари.

Фото: facebook.com

Кај останатите членови на партиските карвани во изминатите два дена од почетокот на изборната кампања не е забележано сличен однос кон заштитната маска како мерка за спречување на ширењето на Ковид-19. Вирусот на големо е во нов налет во земјава на што упатуваат и бројките од дневните извештаи на Министерството за здравство, но и епидемиолошките анкети што ги спроведуваат здравствените власти.

NovaTV