1.Г-дине Митрески, имајќи ја во предвид моменталната ситуација со епидемијата на корона вирусот во Македонија, несомнено населба Лабуништа станува епицентар на голем број дезинформации околу бројот на заболени од овој вирус, со што се доведува во опаснот населбата да се стави во еден вид карантин. Кој е вашиот став, и како гледаде на ваквата состојба во оба населба?.

Се согласувам со Вашата констатација дека има голем број дезинформации што ги шират некои поединци или т.н медиуми на државно ниво со цел да предизвикаат паника или недоверба во институциите најчесто мотивирани од политички причини. И тоа е срамота. Лабуништа како населба со голем број печалбари, со граѓани кои имале секојдневна комуникација со граѓани на Дебар, со голем број мајстори и занаетчии кои имаат секојдневен контакт со многу луѓе и со сите свои специфики станала плодна почва за ширење дезинформации, непроверени податоци со што дополнително се отежнува состојбата. Одлуката како да се постапува сега или во иднина надлежните институции во соработка со населението ги носат врз основа на веродостојни податоци, а не врз шпекулации. Според тоа, мојот став е строго да се следат и почитуваат упаствата од институциите. Постапувајќи по нив, лабуништани, а и сите граѓани, прават добро за себе, за своите семејства, за сите граѓани. Ако сите бидеме претпазливи и ги следиме препораките побрзо ќе излеземе од оваа лоша ситуација.

2.Пред извесно време, пациентка од населба Лабуништа на инсистирање на итната помош од ова населба не беше примена на Медицинскиот центар – Охрид оддел инфектологија, после што беше префрлена во Скопје и според последните неофицијални информации се наоѓа во тешка состојба. Како го коментирате ваквиот настан.

Претежно имам информации за граѓани од нашата општина кои се упатуваат на скопската клиника. Имав и за овој случај, но за тоа што се случувало во охридската болница разбрав од медиумите и од прес конференцијата на министерот Филипче. Ги читам и коментарите на социјалните мрежи за други случаи години наназад. Ако тоа е вистина тогаш мора да има одговорност. Прочитав и реакција од инфективната клиника во Скопје за нивната работа. Министерот Филипче најави ревизија на случајот и ако има најмал пропуст очекувам најголема казна. Ја разбирам и маката и притисокот кои го имаат лекарите, посебно во оваа ситуација кога работаат деноноќно, но здравјето на граѓаните е за нив обврска. Обврска им е дадат максимум при пружање здравствена помош. За тоа дале заклетва. Во комуникација сум со скоро сите лекари од тие населби. Знам за надчовечките напори што ги прават за сите пациенти. Им симнувам капа. Затоа не можеме сите да ги ставаме во еден кош. Но, постојат и такви кои го “валкаат” белиот мантил кој го носат лекарите.

3.На една од социјалните мрежи се појави и Апел од страна на Месна Самоуправа Подгорци, преку кој се инсистираше жителите на населба Подгорци да прекинат со еден вид комуникација со ова населба (Лабуништа) Како гледате на ваквите активности, односно во нашиов случај на овој апел, сметате ли дека е соодветен и дека има правна основа за повикување и придржување кон еден ваков апел ?

Ние можеме да имаме различни предлози како ова зло што не снајде побрзо да го победиме и да излеземе со што помалку последици. Колку повеќе луѓе толку повеќе предлози. Сепак мислам дека треба да оставиме на институциите да ги носат одлуките. Тие ја имаат целата слика, екипирани се со експерти од сите области. Досега немам причина да не им верувам. Граѓаните само треба да ги следат препораките. Во овој момент тие се поостри отколку во многу други земји, но заради нас самите, заради нашите блиски треба да ги почитуваме. Во овој момент не гледам причина за прекин на комуникација помеѓу граѓаните на сите населени места, но, уште еднаш ќе повторам, строго почитувајќи ги препораките на институциите.

4.И за крај Вашиот апел до жителите на населба Лабуништа, се разбира и околните села.

Уште еднаш би кажал да се почитуваат препораките на министерството за здравство и сите други институции. Пикот кај нас уште не е постигнат што значи бројот на заболени уште ќе се зголемува. Колку ќе се зголемува зависи од сите нас поединечно. Очигледно е дека не чекаат и тежок период на екононски план и нас и целиот свет. Затоа ова зло мора да го победиме што побрзо. Апелирам, замолувам да се однесуваме разумно. Да бидеме солидарни како секогаш. Заедно, со здружени сили, ќе го победиме овој невидлив монструм. Се надевам и посакувам од оваа ситуација да излеземе посилни. Вирусот го нападна целиот свет. Не прави разлика ниту по етничка ниту по верска основа. Само заедно можеме и заедно ќе избориме против него.