Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, денеска на собраниската расправа во Комисијата за европски прашања, на која се разгледуваше предлог законот за Јавно обвинителство, пушти аудио снимка на која, како што соопштија од опозициската партија, „по сè изгледа може да се препознае гласот на екс премиерот, Зоран Заев“. На снимката, наводно, експремиерот разговара со друго лице за финансирање на телевизијата на првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски.
Милошоски најпрвин го пушти аудио записот, па потоа го прочита транскриптот.
„Лицето З.З. „Го прашав Боки бе од каде бе тие парите за телевизијата? – Ми вика: имав еден фраер од Хрватска и од Циле (Силјан Мицевски) што му легнаа пари тогаш за старечките домови, ако знаеш. З.З: Ние на неколку пати така му помогнавме во телевизијата, главно за маркетинг, тоа беше уште порано лани октомври-ноември 2018-та година”, го прочита Милошоски транскриптот, нагласувајќи дека снимката ја добил од свиркач, кој го замолил да се објави со цел јавноста да биде запознаена со неправдите.
Овој транскрипт, според него, фрла мала светлина, врз тоа зошто никој не сака нелегално снимени разговори да бидат докази во судските постапки. Судската постапка за случајот тече паралелно со обидите на власта да го донесе Законот за ЈО, за кој опозицијата тврди дека има скриена амнестија за да се спасат Заев и неговите соработници од можни кривични дела во иднина. Во предлог законот се предвидува незаконски прислушуваните разговори да не да бидат основа за обвинение, освен во предметите поднесени до надлежен суд до 30 јуни во 2017 година, како што предвидуваше законот за СЈО. За предметите потоа тие може да бидат само индиции.
На вчерашното судско рочиште за случајот „Рекет“, обвинителката Ивана Трајчева презентираше пораки кои ги испраќал првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, меѓу другите, и до тогашниот премиер, претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Од пораките се гледа дека Јовановски барал средба со Заев, на што тој му одговорил дека тоа што се случува е грозно и дека станува збор за класичен рекет.
СДСМ: Милошоски е очаен криминалец
Од таму пишуваат и дека Зоран Заев е прв политичар „кој на човек кој јавно го величал, му испратил порака дека ако го прекршил законот – ќе одговара, што впрочем се дозна и вчера на судското рочиште“.
Граѓаните, како што велат, многу добро знаат како ВМРО-ДПМНЕ постапуваше со медиумите и новинарите. Од закани за фрлање во ендеци, апсења и затворање на новинари, упади во медиуми, венци за новинари на домашни адреси, до медиумски мрак и загушени медиумски слободи.
И министерската за правда, Рената Дескоска рече дека Комисијата за европски прашања не е место за пуштање разговори и дека за тоа постојат институции.
„Има институции, па ако Милошоски си верува самиот себеси на тоа што го пушти, слободно нека го достави до институциите. Како доаѓа времето за изгласување на Законот за Јавно обвинителство, така повеќе се гледа стравот кај опозицијата, со која цела година преговаравме, а не постигнавме договор“, рече Дескоска.
Пренесува: „Dubai – Portal“
Пишува: „NovaTV“













