Претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, истакна дека Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО за максимум еден месец ќе се ратификува на Генералната седница на Собранието, јавува Anadolu Agency (AA).
Шентоп, во рамки на неговата посета на Северна Македонија, денеска ја посети џамијата „Исхак Челеби“ во Битола, каде што во изјава за медиумите говореше за неговите средби и посети во земјата.
Шентоп истакна дека Турција и Северна Македонија се две пријателски и братски земји, дека Турција е првата земја која ја признала независноста на државата, и која ја отворила првата амбасада во Скопје.
Тој рече дека Турција секогаш ја поддржувала Северна Македонија во меѓународните организации, било во Европа било во евро-атлантските организации.
„Пред Македонија стоеше спор со името, спор кој според нас беше неправеден, што се однесува до спротивставувањата на Грција. Тоа е веќе надминато“, нагласи тој, додавајќи дека во најкус можен рок Северна Македонија ќе го заземе своето место во европските и атлантските организации.
Шентоп истакна дека со цел Северна Македонија да влезе во НАТО, потребно е секоја земја членка на НАТО да го ратификува Протоколот за членство.
„Постојат законски процеси во врска со тоа. Процедурата која Турција треба да ја изврши во врска со тоа, јас, како претседател на Собранието, претходно, на 31 мај, ја доставив до нашата Комисија за надворешни работи. Ваквите договори по редослед се разгледуваат во Комисијата за надворешни работи. Бидејќи има интензивни процедури, траат долго, но пред да дојдам тука се состанав со претседателот на Комисијата, со цел Протоколот да се разгледа порано. Се надеваме дека наредната недела ќе се разгледа во Комисијата за надворешни работи. Потоа, во најкусо време, веројатно максимум за еден месец, ќе се ратификува на нашата Генерална седница“, истакна Шентоп.
Во овие рамки, Шентоп ја посети и Воената школа во Битола, каде што дипломирал и Мустафа Кемал Ататурк.
Тој, го посети и Широк сокак, каде што се сретна и се фотографираше со локалните жители и турските туристи.










