labunistaucilisteИако досега многумина се обиделе да го урнат меѓуетничкиот соживот, за среќа, тоа на никој не му успеало, зашто стружани се научени да живеат заедно од памтивек, да ги делат истите грижи, но и да се радуваат на истите успеси.

Македонија пред избори

Во предизборна Струга, град со најмногу сончеви денови во годината, сонцето свети како и обично, ама силниот ветер како да предупредува дека дошло време да се случат промени. Да задува еден сосема поинаков, благ и пролетен ветер, како симбол на старата и добра Струга што ја паметат сите стружани – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи. Кој да ја води Струга во следните четири години? Дали ќе се грижи за сите граѓани еднакво? Ова се најважните прашања за кои се говори деновиве во Градот на поезијата.

Ништо поинакво не е ниту во Лабуништа. Поради социолошките, економските и политичките влијанија, тоа е повеќе од интересно место за живеење, но уште поинтересно е да се посети сега, предизборно, кога политичарите кршат копја кој повеќе да ги освои симпатиите на гласачите. Селото има околу 10.000 жители и е сместено во подножјето на планината Јабланица, во регионот наречен Дримкол, десетина километри оддалечено од Струга. Место населено со Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи и, како што ни рекоа локалните жители, дури и понекој Бугарин.

Меѓу два огна

– Ние во Лабуништа сме помеѓу два огна. Поголем дел жители се чувствуваат како Албанци, ама тие нас нѐ сметаат како граѓани од втор ред. Нам па корените ни се македонски.  А ние локалните жители на Лабуништа единствено што сакаме е да живееме мирно, како и со векови, а за нашите деца сакаме да ја изградат спортската сала и да го прошират училиштето – вели 60-годишен жител на Лабуништа, кој по 30 години работа во странство се вратил дома за, како што вели, да придонесе за својата заедница.

А децата се секаде деца, и оние во Струга и оние во Лабуништа. Знаат за партииите, но посакуваат само безгрижен сон.

– Што е тоа што на сите нас ни ја дава смислата за живот? Тоа е мирот! Мирот ни нуди безгрижен сон, ни точи љубов – напишал во својот текст Селџан Иљази, седмоодделенец во основното училиште „Мурат Лабуништи“ од Лабуништа.

Исклучително интелигентни и желни за образование ни раскажаа дека поминало времето кога од 12-годишна возраст оделе на работа со своите татковци. Тие сега сакаат да завршат факултет и, како што велат, да станат големи луѓе.

– Ние знаеме што е и политика и што се партиите. Учевме и како да донесуваме одлуки. Затоа сакаме да порачаме дека нам ни е важно да имаме услови да се образоваме, а потоа да најдеме и работа. Нас нѐ интересира дали тоа ќе ни го овозможи градоначалникот – во еден глас ни кажаа осмоодделенците од основното училиште „Мурат Лабуништа“.

Постарите, пак, вооружени со животно искуство се попретпазливи бидејќи многу добро знаат дека политичарите само ветуваат додека не ја добијат власта.

Идниот градоначалник  да биде  градоначалник на сите

– Сегашната локална самоуправа на сите можни начини ја поткрева етничката тензија. Ги негира државните белези, не дозволува да се вее државното знаме, никогаш не ги прославува државните празници. Имињата на сите дуќани и трговски објекти се на албански јазик. Граѓаните не се еднакви пред законот. Ние, преостанатите стружани, се чувствуваме како граѓани од втор ред. Целосната инфраструктура, како што се канализација, водовод, асфалтирање патишта, беше концентрирана во местата каде што живеат припадници на албанската заедница. На секој чекор има дупки, нелегални паркинзи и шанкови, а туризмот пропаѓа. Ако на чело на општината не дојде човек што ќе биде ценет од сите граѓани, тогаш тешко ни се пишува – ни се пожали дедо Ангеле, кој го сретнавме како шета покрај езерото додека размислува кој е најдобриот избор за прв човек на општината.

И додека дедо Ангеле размислува, кандидатите за градоначалници, секој за себе, сметаат дека имаат програма што ќе ги задоволи потребите на сите граѓани, без разлика на етничката и верската припадност.
Така, кандидатот за градоначалник од ДПА, Зијадин Сеља, кој важи за симбол на преродбата на Албанците, на централниот митинг во Струга рече дека ќе работи за доброто на сите, но сепак ја истакна заложбата за борба за албанската кауза.

– Ќе се справам со хаосот што се создаде во изминатите осум години и ќе работам за сите етнички заедници. Ви ветувам дека секој ден ќе работам Струга да стане сѐ повеќе албанска – рече Сеља.
За да се увериме дека навистина ќе работат во полза на граѓаните, а не во полза на етничките и верските интереси, бевме и во штабот на ДУИ, но и по повеќечасовно чекање не успеавме да го дочекаме кандидатот за градоначалник на Струга, Арбен Љабуништа, кој беше зафатен со десетици средби со граѓани.

Она што успеавме да го дознаеме за него е тоа дека жителите на Лабуништа се горди на него бидејќи тој потекнува од ова село, а неговиот прадедо е токму Мурат Љабуништи, филозоф и социолог, основач и командант на балистичката чета Црн Дрим во 1943 година.

Докторот Владимир Кочоски, пак, го затекнавме пред Домот на културата. Немаше многу време за разговор зашто, како што ни објасни подоцна, доцнел на состанокот со неговите сопартијци, но и со неговите поддржувачи од  коалицијата „Сојуз за иднината“.

– Сите сме заедно. Во Струга сега нема разлики. Како никогаш порано сме единствени сѐ со цел да ја вратиме Струга на нејзините стари патеки. Со сите луѓе што сум се сретнал, ме поддржуваат и велат дека ќе ми го дадат својот глас, без разлика на вера, нација и политичка партија. Со сите што сум се сретнал, чувствувам дека се за мене – вели Кочоски, изненаден од огромната поддршка што ја добива деновиве од стружани.

Во Турското Маало велат дека една од најблагородните професии е лекар. На лекар одиме кога ни е тешко и секој од нас во него го гледа спасот на сопствениот живот. Ако е така, нашите соговорници велат дека идниот градоначалник на Струга ќе мора да биде, пред сѐ, човек со целосен морален, професионален и личен интегритет. Да нема црна дамка од минатото, да потекнува од чесна лоза. Човек што ќе ја врати вербата во стружани дека сепак тука може добро да се живее.

Супер радио

Нова Македонија

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here