Информацијата дека Алболуки ја напуштила земјата ја потврди за Anadolu Agency (AA) во писмена изјава Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Северна Македонија.
СКОПЈЕ (АА) – Откако Хинд Мухамед Алболуки (42) од Обединетите Арапски Емирати, која поради, како што истакнува таа, сериозните закани по нејзиниот живот само затоа што побарала развод од сопругот, побара азил во Република Северна Македонија и беше одбиена од властите, од земјава отпатува во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Информацијата дека Алболуки ја напуштила земјата ја потврди за Anadolu Agency (AA) во писмена изјава Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Северна Македонија
„Согласно член 79 став 1 од Законот за меѓународна и привремена заштита и законски предвидениот рок, на ден 13.02.2019 година Х.М.А преку својот полномошник достави известување дека сака доброволно да замине од државата што ѝ беше овозможено и истата на 15.02. 2019 година го напушти Прифатниот центар за странци во придружба на полномошникот и доброволно замина од државата преку граничниот премин „Меѓународен аеродром –Скопје“, соопштија од МВР.
„Само што се качив на лет за Европа, со Хинд, таа е безбедна со мене“, напиша на социјалната мрежа Твитер, Жереми „Жежем“ Десваж, активист за човекови права од Франција.
Според информациите до кои дојде Anadolu Agency (AA), Алболуки од Скопје отпатувала за Берлин.
Хинд Мухамед Алболуки, мајка на четири деца, од Обединетите Арапски Емирати била во Дубаи. Во октомври месец 2018 година побарала азил во Република Северна Македонија. Таа тврди дека поради тоа што побарала развод од нејзиниот сопруг се соочува со прогон од семејството и дека ѝ се закануваат со убиство.
Секторот за азил при Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Северна Македонија го одби барањето за азил. Како објаснување за ваквата одлука е наведено дека не постои основа да се верува дека Алболуки е прогонувана, како и дека не постојат причини да се верува дека доколку таа се врати во Арапските Емирати ќе се соочи со реален ризик од подлегнување на сериозни повреди.
Исто така, Секторот за азил при МВР на 7 декември минатата година побарал да ѝ се ограничи слободното движење, поради што од декември минатата година била сместена во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, во Скопје.
МВР оцени дека е неопходно да ѝ се изрече мерка за ограничување на движењето поради заштита на јавниот ред и националната безбедност во период од три месеци, сметано од денот на врачување на решението.
На Алболуки ѝ е кажано до 19 февруари доброволно да ја напушти Република Северна Македонија, а во меѓувреме ќе остане затворена во Гази Баба. Доколку не ја напушти Република Северна Македонија, според предвиденото, требала да биде депортирана во Дубаи.
Исто така, Управниот и Вишот суд во земјата одлучиле да биде одбиено барањето за азил на Алболуки.
Во статија за локалните медиуми Алболуки соопшти дека на 11 февруари, Судот во Стразбур донел времена мерка со која бара од властите да ја ослободат од притвор и на слобода да ја чека конечната одлука за азилот.
По овие информации, на социјалните медиуми од активистите за човекови права кои работеа на случајот на Алболуки, беше објавено дека таа се качила на лет за Европа.










