Претседателот на Парламентот на Република Црна Гора, Иван Брајковиќ, денес престојува во официјална посета на Собранието на Република Македонија, каде што имаше тет-а-тет средба со неговиот колега Талат Џафери, при што истакна дека односите помеѓу Македонија и Црна Гора покажуваат како треба да се одвиваат односите помеѓу земјите на Западен Балкан”, јавува Anadolu Agency (AA).
По тет-а-тет средбата, Џафери и Брајковиќ одржаа заедничка прес-конференција.
Талат Џафери, потсетувајќи дека Црна Гора е земјата каде што ја реализирал својата прва официјална посета како претседател на Собранието на Македонија, додаде дека тоа е знак за пријателскиот однос помеѓу двете земји.
„Во оваа прилика морам да ја истакнам и да се заблагодарам за силната поддршка што ја добиваме од Црна Гора, за која нашето интегрирање во НАТО претставува национален интерес, затоа што сме согласни дека со тоа ќе се постигне стабилност во регионот и така ќе можеме да ја интензивираме регионалната соработка, и секако, со тоа да отвориме нови перспективи за нашите граѓани со квалитативни содржини и нови проекти“, истакна Талат Џафери.
Брајковиќ, истакнувајќи го задоволството од денешната посета на Македонија, рече дека е прв претседател на Собранието на Црна Гора, кој по независноста на земјата во 2006 година доаѓа во официјална посета на Македонија.
„Односите помеѓу нашите две држави се многу добри и покажуваат како всушност треба да се одвиваат односите помеѓу земјите на Западен Балкан“, нагласи Брајковиќ.
Тој, исто така, истакна дека како земја членка на НАТО со нетрпение чекаат да ги рашират рацете и да ја дочекаат Македонија како 30-та земја членка на Алијансата и верува дека тоа ќе биде наскоро.
Брајковиќ на денешната прес-конференција, истакнувајќи дека на Македонија ќе ѝ го пренесат целото искуство на патот за влегувањето во НАТО и зачленувањето во ЕУ, посочи дека економската соработка меѓу двете земји не е во сразмер со политичките односи.
„Нам ни претстои да ја интензивираме економската соработка која не е во сразмер со политичките односи, во сите сфери, особено во сферата на сообраќајот, туристичката размена, и секако дека овие контакти ќе придонесат за тоа“, потенцираше Брајковиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа какви се искуствата од употребата на Законот за јазиците во нивната земја, кој постои веќе две години и предвидува употреба на албанскиот јазик во општините каде што има пет отсто албанско население, рече дека црногорските искуства со употребата на јазиците се одлични и дека човековите и малцинските права никогаш не завршуваат, туку постојано треба да се унапредуваат, бидејќи сите ние живееме во еден заеднички дом.
Претседателот на Парламентот на Република Црна Гора, Иван Брајковиќ, денес се обрати и пред пратениците во Собранието на Македонија и се потпиша во Книгата на впечатоци.
Тој, исто така, имаше средба со Лилјана Кузмановска, претседателка на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Црна Гора.










