Вака МТСП одовори на обвинувањето на СОНК дека на вработените во детските градинки, основните и средните училишта не им се продолжуваат договорите за работа
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека презело мерки за надминување на проблемите во детските градинки, со што се обезбедени услови за непречено функционирање и за непречена грижа за децата.
„Министерството веќе прави детална анализа на секоја установа поединечно што во текот на 2018 година ќе резултира со трајно решавање на кадровските проблеми кои во градинските ги создаде претходната Влада, држејќи ги воспитувачите, родителите и децата во редовна неизвесност.
Потсетуваме дека во последните 11 години системски е уривана детската заштита и е направен недостиг на кадар во градинките од повеќе од 2.000 луѓе. Како што веќе известивме, со буџетот за 2018 година обезбедивме средства за 200 нови вработувања во градинките, за зголемувањето на платите за вработените во градинките за 5 отсто, дополнителни средства за материјални трошоци за функционирање на градинките“, се вели во соопштението во врска со денешниот допис на СОНК до медиумите.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска обвини дека на вработените во детските градинки, основните и средните училишта не им се продолжуваат договорите за работа.
„Изминативе денови сме сведоци дека на голем број наставници, воспитувачи и негователи со повеќегодишно работно искуство, без никаква причина не им се продолжува договорот за работа, а на нивно место се примаат нови работници кои по некои „чудни “ критериуми, без ниту еден ден работно искуство, ги пополнуваат вештачки испразнетите места“, наведува СОНК во соопштението.
Од Синдикатот посочуваат дека ваквата состојба за нив е неприфатлива и апелира до надлежните институции да се занимаваат со конечно решавање на статусот на овие работници, односно да им се трансформира работниот однос од определено на неопределено работно време согласно Законот за работни односи и Спогодбата потпишана меѓу социјалните партнери од 2008 година.
„Сакаме да укажеме дека во моментов има голем недостаток на стручен кадар во градинките, а со сегашното отпочнување на процедури на огласи за вработување на испразнетите местата, подолг временски период сегашниот персонал ќе биде принуден да работи со преголем број на деца во групите, што е надвор од сите стандарди. СОНК најостро ќе реагира на ваквата ситуација, нема да дозволи работа во такви услови и ќе ги употреби сите расположливи законски средства за одбрана на правата и интересите на своите членови, се вели во соопштението од СОНК.
Од Синдикатот ги повикуваат вработените во детска заштита, основно и средно образование на кои не им е продолжен договорот за работа, да се обратат до правната служба на Синдикатот и да ги остварат своите права на бесплатна правна помош.
Извор:НоваТВ







