„Маратонот“ за жешките обиди за решавање на спорот со името мора да заврши до почетокот на јули, односно до Самитот на НАТО, пишуваат грчки медиуми. Според дел од нив, дури и да нема Самит, време е за решение и за политичка храброст од двете страни, објави Дојче Веле.
„Од почетокот на новата година започнува маратон во консултации меѓу грчката влада, македонската влада и специјалниот посредник на ОН, Метју Нимиц, со една единствена цел: да се дојде до договор за името на соседната земја и тој да биде изгласан од парламентите на двете земји најдоцна до почетокот на јули, кога треба да се одржи Самитот на НАТО“, пишува „Прото тема“.
„Но, договорот за ова прашање воопшто не е лесен, и покрај првичната посветеност на двете земји дека ќе сторат сѐ што можат за успешен исход“, се вели во анализата. Како илустрација се посочува истражување во Скопје во кое 15,6% од оние кои се согласуваат со промена на името се изјасниле како Македонци и 81,4% како Албанци. Спротивно на тоа, од оние кои не се согласуваат со промена на името, 67,1% се изјасниле како Македонци, а 7,2% Албанци.
Според весникот „То вима“ спорот ќе ја тестира и коалициската врска меѓу „Сириза“ на премиерот Алексис Ципрас и АНЕЛ, партијата на министерот за одбрана Панос Каменос, кој се противи на решение што ќе го содржи зборот „Македонија”.
„Интензивната дипломатска активност за прашањето за името на Поранешната југословенска Република Македонија, дури и во присуство на премиерот Зоран Заев во Солун за Нова Година предизвикува тензии меѓу Сириза и Анел“, пишува „То вима“. Притоа потенцира дека големата желба на САД да се затвори ова прашање до Самитот на НАТО, (поради силното присуство на Русите на Балканот) развива силна шаховска серија, не само на дипломатско ниво, туку и на домашната политичка сцена, каде Каменос е непредвидлив фактор кој може да предизвика сериозен проблем во владината коалиција, особено што неговата партија е силна во северна Грција, каде што има голема чувствителност кон националните прашања.
Медиумите потсетуваат и дека Киријакос Мицотакис, лидер на опозициската Нова Демократија, ги повика Ципрас и Каменос да поднесат оставки поради тоа што во владата немаат единствен став по спорот за името.
Засега нема конкретен датум кога ќе продолжат разговорите, но Нимиц ги најави за почетокот на годината, како и неговата намера во нив да ги вклучи и министрите за надворешни работи и премиерите, пишува Дојче Веле.
Извор:НоваТВ









