Лани во 147 подрачни училишта воопшто не се запишале ученици, а во околу 100 училишни објекти во руралните средини учеле помалку од 5 деца.
Иако не е дефинитивна, бројката од 4.900 првачиња помалку од лани, што ја посочи министерката за образование и наука, Весна Јаневска, повторно го вклучи демографскиот аларм. Дури и да се зголеми нивниот број до почетокот на учебната година, таа посочи дека ќе има „најмалку 3.000 првачиња помалку“.
Проблемот не е од денес, ниту само од последните неколку години. Ако во учебната 2023/2024 година биле запишани 19.848 првачиња, во наредната 2024/2025 се запишале 400 помалку или 19.452 првачиња. Поголем пад е евидентиран во 2025/2026 година, кога се запишале 17.921 првачиња или за 1.531 ученик помалку од претходната година.
Кога во 2018 година актерот и шоумен, Игор Џамбазов, објави видео од првиот школски ден на единственото прваче во ОУ „Денче Дејаноски“ во Маврови Анови, тоа не беше сигнал за почеток на проблемот, туку аларм за последиците од повеќегодишен тренд.
За споредба, ако во учебната 2008/2009 имало 217.685 ученици, во 2018/2019 имало 189.236, што укажува дека за десет годни бројката на ученици во основните училишта се намалила за 28.449. Во истиот период бројот на училишта се намалил за 10, а бројот на наставници се зголемил за 2.331 наставник. Ако во учебната 2008/2009 имало 15.246 наставници, десет години подоцна имало 18.580 наставници.
Извор:dw,de










