Крај на практиката „кеш на рака“ кај брзите кредити – државата најавува нов сет законски измени што треба да стават ред во секторот кој со години е под лупа поради злоупотреби. Министерството за финансии подготвува построги правила, со кои ќе се засили контролата врз финансиските друштва и ќе се зголеми заштитата на граѓаните.

Нови правила за финансиските друштва

Предложените законски измени предвидуваат воведување задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор.

Дополнително, се зајакнува контролата при отворање нови деловни простории, при што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, согласно утврдени критериуми за условите на работење.

Со измените се предвидува и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и укинување на исплатите во готовина. Кредитните средства ќе се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка, со цел поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби.