Македонците не штедат на онлајн пазарување. Во текот на 2025 година, со своите платежни картички реализирале 12,4 милиони онлајн трансакции во странство, со вкупна вредност од 427,8 милиони евра, покажува анализа на Асоцијацијата за е‑трговија, изработена врз основа на податоците од Народната банка.

Најголем дел од средствата биле потрошени за авионски билети и резервации на хотели, но и за купување производи преку глобални платформи како Тему и Амазон, што укажува на континуиран пораст на прекуграничната е‑трговија.

Раст од 50% на вредноста на онлајн трансакциите

Во споредба со 2024 година, вредноста на онлајн трансакциите е зголемена за 50%, додека бројот на е‑трансакции пораснал за 69%. Просечната трансакција изнесува 34 евра, што е за 11% помалку од претходната година.

Дури 74% од вкупната вредност и 83% од бројот на е‑трансакции се реализирани во Ирска, Холандија, Обединетото Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург.

Ирска и Холандија доминираат според вредност

Најголема вредност на е‑трансакции Македонците оствариле во Ирска – 92,1 милион евра, што претставува раст од 173% во однос на претходната година. Во Холандија, вредноста изнесува 62,4 милиони евра, со годишен раст од 49%. Според бројот на трансакции, Ирска исто така води со 4,8 милиони е‑трансакции, по што следуваат САД со 2,1 милион.

Најголем годишен раст на бројот на е‑трансакции во 2025 година е забележан во:

  • Германија – речиси 650%
  • Кипар – 263%

Истовремено, пад е регистриран во Луксембург – околу 50% и Обединетото Кралство – околу 9%.

Повеќе на:dw.de