Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во 2025 година работеше под силен притисок и во услови на турбуленции, проследени со две оставки – прво на претседателката Татјана Димитровска, а потоа и на членката Цвета Ристовска. И покрај организациските потреси, Комисијата разгледувала 612 пријави, од кои најголемиот дел се однесуваат на корупција и судир на интереси.

Најмногу пријави за корупција – 455 случаи во 2025 година

Според годишниот извештај за работата на ДКСК, во 2025 година биле примени 455 пријави за сомнежи за корупција и коруптивно однесување на службени лица, како и 85 пријави за судир на интереси. Комисијата, по сопствена иницијатива, поднела уште седум пријави за корупциа и 14 пријави за судир на интереси. Најголем дел од пријавите се однесуваат на локалната самоуправа, извршната власт, правосудството, регулаторните тела, образованието, урбанизмот и здравството.

Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, информира дека се решени 387 предмети, а се донесени 359 одлуки, бидејќи дел од предметите биле споени. „И покрај сите предизвици, сметам дека Комисијата постигна значајни резултати“, вели Чучуљ.

Иницијативи до ОЈО и конкретни мерки во 11 предмети

По разгледување на пријавите, ДКСК презела конкретни мерки во 11 предмети, од кои: 8 иницијативи се поднесени до Основното јавно обвинителство, а кои се однесуваат на незаконско именување в.д. директори, сомнежи за незаконитости во јавни набавки и незаконито располагање со буџетски средства.  Дополнително, поднесени се 3 иницијативи до други институции за утврдување одговорност кај раководни и службени лица.

Отфрлени се 79 пријави поради нејасни или веќе решени случаи, како и пријави поврзани со незадоволство од работата на судии.

Повеќе на:dw.de