Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во февруари се зголемени за речиси илјада денари во однос на јануари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Синдикалната минимална кошница за февруари изнесува 67.382 денари, што претставува зголемување од 969 денари во споредба со јануари. Доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вредноста на минималната синдикална кошница се искачува на 82.757 денари.

Раст најмногу кај храната

Зголемување од речиси илјада денари има и кај трошоците за храна. Во јануари за основни намирници биле потребни 24.211 денари, додека во февруари сумата се зголеми на 25.156 денари.

Од ССМ наведуваат дека за само два месеца од почетокот на годината, најавеното усогласување на минималната плата за март е веќе „изедено“ од растот на синдикалната кошница.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, посочува: „За само два месеца едно семејство е посиромашно за две илјади денари. Во изминатите 24 месеци, вредноста на синдикалната минимална кошница порасна за повеќе од 10.000 денари. Затоа политичките партии треба да ја изгласаат минималната плата од 600 евра и да ги зголемат сите други плати за најмалку 6.000 денари“.

ССМ им даде рок на Владата и работодавачите до крајот на февруари да постигнат договор за зголемување на минималната плата. Во спротивно, синдикатот најавува нов протест и можен генерален штрајк.

Мицкоски: Инфлацијата ќе падне под 3%

Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот (19.02) изјави дека очекува инфлацијата во наредните месеци да биде под 3 проценти, како и годишната инфлација за 2024 година. Тој посочи дека растот на цените на храната минатата година имал сезонски карактер и додаде дека инфлацијата е слична со повеќето земји во регионот, освен Србија, која има пониска стапка поради мерката за ограничени цени на основни производи. Мицкоски смета дека кога Србија ќе ја укине мерката, состојбите ќе се израмнат.

Повеќе на:dw.de