Македонија ненадејно стана регионална вест според заплената на 40 тони од растението канабис кое со хемиска преработка може да се претвори во дрога. Ако навистина станува збор за нелегално одгледување и производство, тогаш акцијата на властите заслужува да биде поздравена. Заплена во таков обем досега не е видена не само во земјава туку и во регионот и пошироко. Да се пресретне толкава количина на потенцијална дрога од нејзино изнесување на пазарот дома и во регионот е навистина голем успех.

Меѓутоа, некои знаци со кои се придружени вестите за успехот со заплената на цветови од канабис и борбата против нелегално произведување и растурање на наркотични средства, покажуваат дека е уште рано за честитање. Треба да се види и исходот на овој процес на кој му претстои докажување низ правни процедури. Но досега освен спектакуларните вести, јавноста не виде покренување на следниот механизам за пронаоѓање и санкционирање на вмешаните во овој бизнис.

Криење на 40 а ако му се верува на премиерот и 100 тони таков растителен материјал не е едноставна работа. А во мала држава и по територија и по жители, со длабок внатрешен конфликт меѓу двете најголеми партии, станува и невозможна. Не се тоа пакетчиња хероин или кокаин што може да се зашијат во поставата на палтото или да се заѕидаат во куќата на родителите, туку станува збор за огромна и кабаста маса материјал кој зазема голем простор, и кој шири мирис, па оттука овие количини не може да се забележат само со затворени очи. Или како што вели нашиот народ со мижење. Со очи широко затворени.

Белград подметнува на Скопје?

Па, како се случило да бидат пронајдени токму сега откако Србија алармираше за заплена на пет тони марихуана со можност дека потекнуваат од Македонија, е прашање што навистина заслужува длабока анализа. Особено затоа што се работи за верижна акција, на повеќе локации и количина која претходно ја навести и премиерот со изјавата дека вестите од претресот „ќе бидат катастрофални“. Значи некој знаеше колкави количини се во прашање уште пред да биде запленет материјалот.

Што се однесува до вестите од Србија, и тука има многу неодговорени прашања. Скопје и Белград имаат одлична соработка на полето на безбедноста, и не само на безбедноста. Вториот човек во македонската Влада е од партија со тесни врски со раководството во Србија. Оттука не е за верување дека пријателска Србија туку така и подметнува на Македонија дека ја пропуштила марихуаната на нивна територија.

Извор:dw.de