Синдикалците повторно излегуваат на улица по протестот што го организираа пред две недели. Утре ќе ја организираат првата, од вкупно три најавени блокади во Скопје, за да го испорачаат барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, но и на сите плати за 6000 денари.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) кој всушност ги организира блокадите, освен повисок минималец, бара и зголемување на сите останати плати за минимум 6000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата.
„Работничкиот гнев“ како што велат од ССМ први ќе го почувствуваат пратениците.
„Најмалку по 21 работник на две локации пред Собрание ќе завршат работа, но ве повикуваме сите што можете да ни се придружите на протест со блокада“, порача денеска (09 февруари) на прес конференција лидерот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Синдикалците утре во девет часот ќе ги блокираат улиците
„11 Октомври“ и „Даме Груев“, односно ќе организираат собир пред Собранието, за да, како што нагласуваат, ги оневозможат пратениците тој ден да наплатат патни трошоци.
Извор:РСЕ










