• МВР и Обвинителството за организиран криминал трет ден (07.02) спроведуваат претреси на локации во Скопје и Струмица, неофицијално одземајќи десетици тони медицински канабис.
  • Акцијата следува по рекордната заплена од 5 тони марихуана во Србија, за која се тврди дека потекнува од лиценцирана фабрика во Скопје.
  • Министерот за здравство Азир Алиу кажа дека актуелниот закон има слабости за контрола на компаниите и најави ново решение.
  • Премиерот Христијан Мицкоски очекува МВР да излезе со заплени на десетици тони од компаниите со лиценци

Се уште трае акцијата за заплена на марихуана од фариките за медицински канабис што ја спроведуваат полицијата и Основното јавно бвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Официјални информации надлежните засега не откриваат. На 7 февруари од ОЈО ГОКК посочија дека се уште се постапува и оти „додека има активности на терен не може да се споделат повеќе информации“.

Акцијата започна во вечерните часови на 5 февруари кога се спроведуваа претреси во фабриката „АЛФАФАРМ ГРУП“ во Скопје, која се наоѓа во кругот на поранешната фабрика ОХИС. Прововерки и претреси паралелно почнаа и на неколку локации во струмичкиот регион.

Неофицијално, дел од медиумите објавија дека во полициската акција се одземени рекордни десетици тони марихуана, а дел од медиумите споменуваат дека околу 20-тина тона се од една од фирмите за медицински канабис во струмично Ново Село.

МВР и Обвинителството ќе соопштат детали откако ќе завршат претресите на терен.

Акцијата на македонско тло следува откако српските власти запленија шверц на пет тони марихуана за која беше посочено дека потекнува од фабрика во Скопје која имала лиценца за производство на канабис во медицински цели.

Епилог засега нема ниту од претходната теренска вонредна посета на МВР и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство, која е законски задолжена да спроведува надзор над фирмите кои произведуваат канабис за медицински цели.

„Комисијата за канабис, во координација со Министерството за внатрешни работи, спроведе вонредна контрола. Постапката е сè уште во тек, при што се врши дополнително утврдување на состојбите. Во овој момент не е можно да се соопштат дополнителни информации“, рекоа од Комисијата за РСЕ.

Повеќе на РСЕ