- Вкупно три парични казни ѝ изрекле судии на новинарката Лиридона Вејсели од Тетово поврзани со „злоупотреба на лични податоци“ затоа што објавила имиња на судии и на една докторка.
- Последниот случај, во кој е тужена од судијата Назиф Илјази, предизвика осуда од јавноста, а таа за РСЕ вели дека постојано се соочува со притисоци.
- Здружението на новинари оцени дека е „апсурдно објавувањето на името и презимето на еден судија, да се третира како повреда на приватноста“.
- Судскиот совет сѐ уште нема никаква одлука, велат дека го следат постапувањето по овој предмет.
Веќе две години, новинарката Лиридона Вејсели е принудена да оди во судовите во Тетово и Гостивар затоа што добива тужби од судии заради злоупотреба на лични податоци во нејзините новинарски известувања. Вејсели која известува за судските предмети од јавен интерес, деновиве и самата се најде во медиумските извештаи откако беше казнета со 700 евра бидејќи во своја објава споменала име на судија од Основниот суд во Тетово.
Вејсели поднела жалба до Апелација и додека очекува ослободување од обвинението, за Радио Слободна Европа, вели дека целиот процес наликува на „пинг-понг“ игра.
„Основното јавно обвинителство во Тетово првично побара да се повлече предметот и го испрати во Обвинителството во Гостивар, но Обвинителството во Гостивар се повлече и го врати предметот назад во Тетово. Потоа, Обвинителството во Тетово ја поднесе обвинителната постапка, по што судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар ми изрече парична казна од 700 евра. Тука јасно се гледа обид за мое казнување“, вели Вејсели за РСЕ.
Која е спорната објава?
Казната за Вејсели, уредничката на порталот „Па Ценсуре“, следува откако обработила тема за случај во кој, возрасен маж на малолетничка ѝ праќал порнографски материјали со закани дека ќе објави нејзини лични податоци и фотографии.
Иако тој веднаш бил одведен во притвор, со пресудата на судијата Назиф Илјази добил само три месеци затворска казна.
Повеќе на РСЕ








