Расте бројот на заболени од рак на грлото на матката. Во 2025 година, на Клиниката за онкологија во Скопје бројот на новодијагностицирани е речиси дуплиран во споредба со претходната.
Најновата епидемиолошка статистика на оваа клиника покажува дека лани за првпат со оваа дијагноза се јавиле 122 пациентки, за разлика од 2024, кога имало само 74 пациентки.
Овие наоди, денеска (23 јануари) беа соопштени по повод одбележувањето на Неделата за подигнување на свеста за борбата против ракот на грлото на матката.
Претседателот на Македонското лекарско друштво и на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, проф.д-р Горан Димитров рече дека новата метода што е во скринингот и која според Светската здравствена организација би требале да ја применуваат веќе сите земји од 2030 година е ХПВ тестот.
Според него, овој тест, е примарно средство за скринирање на ракот на грлото на матката.
„Втората работа е дека тие што ќе ги откриеме треба да ги третираме, за тоа имаме персонал, имаме изучен кадар, така што подготвени сме кога би можеле да прејдеме на таков приод во скринирањето, да направиме скринингот на жените во нашата Република оди во најдобар можен ред“, истакна д-р Димитров.
Извор:РСЕ









