Вкупно 6.128 странски работници добиле дозволи за привремен престој во Северна Македонија. Тоа е за три и пол пати повеќе отколку пред пет години кога поради работа во земјава дозволи добиле 1.704, покажуваат податоците што Радио Слободна Европа (РСЕ) ги доби од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Најголем интерес за вработување на странци, според мислењата што ги издавала Агенцијата за вработување од 2020 до сега, има во градежништвото, преработувачката индустрија, сместувањето и послужувањето храна, како и трговијата на големо и мало.

Инфографика - Број на издадени дозволи за привремен престој поради вработување на странци во С. Македонија 2021 - 2025

Турците доминираат, а се повеќе доаѓаат од Непал, Бангладеш и Индија

Бангладеш, Непал, Индија, Турција, Кина, Филипини се меѓу државите што МВР ги посочува за чии државјани издале дозволи за престој поради работа.

Детално, од кои странци има најголема побарувачка, пак, покажуваат и податоците што РСЕ ги доби од Агенцијата за вработување.

Оттаму, во 2025 година заклучно со 29 декември, издале вкупно 8.509 позитивни мислења за дозволи за работа. Во нив спаѓаат и 798 лични работни дозволи издадени за управители, менаџери итн. Ова мислење е потребно меѓу документите што ги прибира МВР кога одлучува дали ќе одобри престој или не.
И овие податоци го покажуваат растечкиот тренд на странци кои бараат работа во земјава. Во 2020, на пример, Агенцијата издала 3.227 позитивни мислења, што е повеќе од двојно помалку од лани.

Со години, први на оваа листата се работници од Турција, а во 2024 и 2025-тата во топ пет државите чии државјани добиле позитивни мислења се вбројуваат и Непал, Бангладеш и Индија.

Лани, од вкупно 8.509 за Турци од Агенцијата за вработување биле дадени 2.815 мислења. Следни се државјани на Бангладеш – 1.567, потоа Непалци – 1.089 и Индијци 1.079. Петти се косовски државјани – 406.

Претходно, кога и бројот на квоти и дозволи за странци беше драстично помал, овие места ги заземаа земјите од регионот, како Србија, Албанија и Косово.

Повеќе на РСЕ