Словенецот Домен Превц е победник на втората станица од новогодишниот „Турнир на четири рида“ во Гармиш-Партенкирхен.

Тој на тој начин ја продолжи својата серија триумфи во германските центри за скијачки скокови, откако славеше во Оберстдорф пред три дена.

Со ова, тој јасно ја демонстрираше својата кандидатура за „Златниот орел“, или поточно, веќе може да се каже дека практично „стави една рака“ на престижниот трофеј.

На денешното натпреварување, Превц скокна 143 метри во првата серија и 141 метар во втората, што му даде огромна предност од 19 метри пред Јан Херл по четири скока во две натпреварувања.

Австриецот, кој исто така даде одличен настап, сепак не можеше да се спореди со „летечкиот Словенец“.

Третото место на подиумот го зазеде Стефан Крафт, кој ги надмина и ги остави зад себе Јапонците Рен Никаидо и Рјоја Кобајаши.

Уште еден Словенец имаше неславен настап на натпреварувањето – Тими Зајц повторно беше дисквалификуван затоа што не носеше точна должина на оделото. Истото се случи и во Оберстдорф, што е навистина необично.

Турнирот „Четири рида“ сега се сели во Австрија – прво во Инсбрук на 4 јануари, а потоа во Бишофсхофен два дена подоцна.