Додека бројките покажуваат дека секој петти граѓанин живее во сиромаштија, граѓанскиот сектор предупредува дека 40 отсто од населението е во ризик од сиромаштија. Синдикатите бараат повисок минималец, но дали тоа е доволно?

„Прескапо е. Со две деца и со две просечни плати, шанси нема да се истуркаат две недели, не па цел месец“, вели скопјанката Даница, мајка на две малолетни деца, коментирајќи ги трошоците што како семејство во пресрет на новогодишните празници.

Без дополнителна работа, како што има и таа, вели, тешко дека ќе може да се издржи.

„Посебно претпразнично, имаш дополнителни трошоци, не само за храна туку и за активностите на децата во школите, како лотариите или „Сикрет санта“, кога треба да купиш новогодишни пакетчиња на децата во фамилијата. И пакетчињата сериозно добро се поскапени“, коментира Даница.

Сепак, со приходите што ги имаат со сопругот, нејзиното семејство не живее во сиромаштија. Но, тоа не е случај за една петтина од населението во Северна Македонија.

Стапката на сиромашни лица во земјава изнесува 21,9%, покажаа податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) кој ги објави лаекенските индикатори за сиромаштија за 2024 година.

Од Македонската платформа против сиромаштијата (МППС), не се оптимисти дека бројките ќе бидат многу подобри и за 2025 ако се погледне трендот од изминатите години.

„Се гледа дека процентите се менуваат само минимално, но суштински ништо не се менува. Ниту една од целните групи не ја менува својата состојба – детската сиромаштија, многудетните семејства и самохраните родители сè уште се на дното“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) претседателката на Платформата, Билјана Дуковска.

Повеќе на: PCE