Само 43 турски граѓани од вкупно 10.500 кои побарале македонско државјанство добиле позитивен одговор од МВР. Оттаму велат дека иселениците не се изземени од безбедносни проверки кои ги налага законот пред некој да добие македонско државјанство.
Од вкупно 10.500 барања на турски граѓани за македонско државјанство во изминативе четири години, само десетици добиле позитивен одговор од македонското Министерство за внатрешни работи(МВР).
Оттаму за Радио Слободна Европа на 29 декември одговорија дека по спроведената постапка за стекнување на државјанство, донесени се 43 позитивни решенија за прием во македонско државјанство.
Претходно од Министерството, за РСЕ посочија дека законските измени во 2021 година придонесоа за енормно зголемување на бројот на барања за стекнување на македонско државјанство од иселеници кои живеат во Турција.
„Според извршените проверки за временски период од 2021-2025 година примени се околу 10.500 барања за стекнување/повраток на македонско државјанство“, беше посочено во одговорот на МВР.
Станува збор за измени на законот за државјанство поднесени од тогашната Влада предводена од коалицијата на СДСМ и ДУИ.
Тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски предложил во Собранието измени на законот со кој се дефинира што е иселеник.
Според законот, иселеникот и неговиот потомок од прво колено, може да се стекнат со македонско државјанство без при тоа тие да живеат во земјава, без да знаат доволно македонскиот јазик и без отпуст од претходното државјанство, правило што важи за странците.
„Иселеник, во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Северна Македонија кој се иселил од Република Северна Македонија во друга држава, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“, се вели во законот за државјанство.









