Редици пред шалтерите на Управата за јавни приходи и нервозни граѓани што чекаат. Тоа е сликата во ходниците на даночната институција откако на илјадници граѓани им заѕвони поштарот на врата и им врачи „новогодишни“ честитки во вид на опомени за неплатен данок.
„Пред пет години добив 400 долари од странство кои ми стигнаа на мојата банкарска сметка. Едвај се сеќавам на овие пари а сега ми стигна известување дека треба да платам данок. Тоа е нелогично“, вели млада девојка стоејќи во редицата со писмото в рака. Девојката дошла да ги праша даночните службеници зошто треба да плати данок на оваа еднократна сума. Тоа се, додава таа, единствени пари што и стигнале во последните пет години од странство.
Редица за прием чека и момче кое во рацете држи документи. Вели дека се тоа потврди дека данокот на исплатите што ги примил од странска компанија е платен во земјата од каде потекнува исплатата. Тој ни објаснува дека документацијата што ќе ја приложи како доказ е на англиски јазик. „Немам намера да плаќам и за превод, доволно е што ме вознемируваат за данок од 2020 година. Имале време досега да го сторат тоа“, ни изјави тој.
Повеќе на: dw.de








