Цените на становите во земјата вртоглаво растат, станбените кредити се едни од најбараните, но патот до дом и натаму останува тежок.

„Со плата во противвредност од околу 700 евра, за три месеци можам да купам само еден квадратен метар, под услов целата плата да биде наменета за таа цел“, вели Борче М. 42-годишен скопјанец, кој со сопругата и две малолетни деца живеат во 60 метри квадратен стан заедно со неговите родители.

„Три плати за еден квадратен метар е незамисливо. Ако работат двајца во семејството, месецот ќе треба некако да се истурка со другата плата. Ама ако семејството е тричлено, четворочлено, есапот никако не излегува“, вели тој.

До 2023 година пресметувал колку негови плати, односно колку години, ќе бидат потребни за да купат стан од 50 метри квадратни, но со оглед дека цените галопираат, секој претходна пресметка брзо паѓала во вода.

И тоа не е изненадувачки. Според пресметките на НБРМ, во третиот квартал од годинава цената на недвижностите во земјава се зголемила 25,1 отсто.

И покрај тоа, само во периодот од први јули до 30-ти септември во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани вкупно 8.319 трансакции, што е збир од вкупен број купопродажби и вкупен број закупи. Споредено со вториот квартал од 2025 година, во третиот квартал се регистрирани 584 трансакции повеќе, што укажува на раст на пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување. Најголем број трансакции се случиле на територијата на општината Центар – 611, потоа во Аеродром 515, во Карпош 440, во Кисела Вода и во Куманово по 390, и  во Битола 346.

Каде е плафонот?

Оние што се занимаваат со продажба на недвижности, уште пред три години прогнозираа дека пазарот постепено ќе се стабилизира, но тоа не се случи. Засега никој не може да прогнозира каде е „плафонот“.

Останува констатацијата дека високите цени се резултат на динамиката меѓу понудата и побарувачката, која со години е нарушена. Многу  станови кои се купувале како инвестиции со години зјаат празни.  Според пописот од 2021 година, во изминатите 20 години бројот на станови во  Македонија бил зголемен за дури 20,2 проценти. Но, од вкупно 839.174 станови во земјата, 531.987 или 63,4% се вселени, а 307.187 или 36,6% се празни. Најголем број од празните станови во  Скопје  се наоѓаат на територијата на Општина Центар – 40% или 10.865 станови.

dw.de