На нашето здравство му недостигаат податоци, а без нив, не може да го трансформираме – предупредува министерот Алиу. Директорот на ФЗО, Клековски „алармира“ за популистичка политика, додека пациентите ја губат довербата во здравствените институции кои имаат отпор кон промени.

„Кога зборуваме за херои во здравството, со сигурност не зборуваме само за доктори, туку за луѓе кои сакаат да направат некаква промена. Не е проблемот во поединците кои сакаат да бидат херои, туку во системот кој ги исцрпува на секое ниво. Тие се откажуваат и си заминуваат“, вели Ана Марјановиќ од здружението Хема-онко.

Скопјанката, која пред неколку години беше дијагностицирана со рак на дојка, е дел од пациентите кои постојано се мобилизирани барајќи од институциите да ги променат здравствените политики. Марјановиќ вели, кај нив постои голем отпор. Дел од административците ги одбиваат промените, кои всушност треба да почнат, од одговорноста на сите нивоа.

„Пациентите се променија, а системот остана ист. Не може да очекувате од пациенти на кои им се достапни сите алатки и комуницираат на едно ново ниво, да бидат задоволни со моментот „кој доктор ќе ви се падне, кај тој ќе се лекувате“. Не можете да очекувате дека ќе бидат задоволни со „термин има за тебе, ама нема за мене“. Ако пациентите се променија, треба да се промени и системот“, порача Марјановиќ денеска (5 ноември) на конференцијата „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“ што ја организираше Американската стопанска комора во Северна Македонија.

Повеќе на RSE