Општините се мобилизираат за итно решавање на кризата со сметот во Скопје. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски одржа итен состанок на Штабот за заштита и спасување, каде што се донесени неколку одлуки за справување со кризата со сметот во центарот на градот. По средбата е најавена итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките, којашто ќе се спроведе викендов.
Градот Скопје со денови се соочува со сериозна еколошка криза. Целиот град е затрупан со отпад,што веќе не е само хигиенски, туку здравствен и епидемиолошки проблем.
Герасимовски вели дека состојбата е крајно алармантна, поради што ќе бидат мобилизирани сите служби и ресурси во општината и на ЈП Паркинзи на Општина центар (ПОЦ).
Контејнери, пунктови и распоред
Планот е да се поставуваат помали контејнери за секојдневен отпад во густо населените делови и поголеми контејнери за кабаст отпад на стратешки локации.
„ЈП ‘ПОЦ’ организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад. Камиончињата ќе го растовараат сметот на плац на општествено одговорна фирма која ни излезе во пресрет, а потоа со големи камиони ќе оди кон Дрисла. Со ова очекуваме да го забрзаме целиот процес“, најави Герасимовски.
Повеќе на: dw.de









